Тијаго Мота: Чест е да тренираш играч како Пандев!

Откако дојде на клупата на Џенова, Тијаго Мота го размрда најстариот италијански калчолигаш, ама и македонскиот репрезентативец Горан Пандев се врати во првиот тим и има минутажа, што не беше случај со претходникот Андреацоли, кај кого беше во втор план.

Пандев откако е дојден Мота веќе даде два гола, а синоќа имаше исклучително забележителен настап, со неколку сериозни удари кон голот на Наполи на „Сан Паоло“, а откако излезе во 80-та минута од мечот, „Сан Паоло“ радиционално го испрати со аплауз. Да е најинтересно, само Пандев од наполитанската публика доби аплауз, зашто со милениците од Наполи, тифозите на клубот се во војна по хаосот што избувна деновиве под Везув.

По мечот Мота не можеше да ја скрие воодушевеноста што повторно соработува со Пандев, ама овојпат како негов шеф, откако двајцата пред девет години беа заедно во Интер во најдобрата сезона на „нераѕурите“ со освоената триплета.

„Зарем има зборови да се опише Горан Пандев или има потреба да му честитаме. Па сите знаат колку голем играч е и јас сум пресреќен што го имам во тимот. Чест ми е што го тренирам. Горан повторно одигра голем меч, тој е уникатен. А, се мислам дека можеме уште малку да го искористиме меѓу линиите во нападот. Пандев е голем фудбалер, голем човек. Заедно поминавме многу во соблекувалната“, рече Мота после ремито на „Сан Паоло“.