Страшни вести за Баварците - му пукна стапалото на Мануел Ноер!

Само што врзаа две победи против Андерлехт и Мајнц и така ја смирија ситуацијата по поразот на гостувањето кај Хофенхајм, а во меѓувреме имаше и јавна расправа помеѓу фудбалерите и Управата, Баварците повторно имаат причина за грижа. Мануел Ноер се соочува со подолга пауза.

Како што дознава германски Билд, еден од најдобрите голмани на светот почувствувал силна болка во стапалото по мечот со Мајнц, а дополнителните прегледи покажаа дека повредата е обновена. Имено, Ноер во март заработи скршеница во пределот на стапалото, беше подолг период отсутен од терените, но очигледно таа напукнатина не била во целост залечена. Истиот извор наведува дека при таа повреда, Ноер добил „неколку шрафови во стапалото“.

Искусниот чувар на мрежата не е во комбинација за утрешниот натпревар против Шалке и сигурно го чека нова операција, а потоа и пауза од неколку месеци.