Специја го сака Несторовски за засилување во јануари

Македонскиот репрезентативец Илија Несторовски, кој месецов играше првпат за Македонија по 20 месеци пауза можно е зимава да си замине од Удинезе, ама ќе остане во Серија А, зашто Специја сериозно е заинтересирана да го ангажира, објави „Ил Месаџеро Венето“.

Според информациите, Специја веќе остварила контакт за евентуален трансфер, а од претходно медиуми од Удине објавија дека можно е Удинезе да се откаже од Несторовски зимава зашто на адреса дошле и понуди од низа клубови од Серија Б, зашто не е во плановите и е четврти напаѓач по хиерархија кај тренерот Сотил.

Несторовски добива минутажа на лажичка, а интересно за него заинтересиран е Лука Готи, сегашниот кормилар на Специја, кој беше тренер на Удинезе и исто така не се претргна многу во својот мандат да му даде мкнути на македонскиот репрезентативец во црно-белиот дрес. Несторовски даде еден гол досега и тоа против Наполи во поразот со 2-3 пред паузата за СП во Катар.

Специја бара напаѓач за да се засили за вториот дел од сезоната, откако во првиот по 15 меча во Калчото e прва над опасната зона со 13 освоени бодови и само 14 постигнати голови, но засега со солидна зимница од шест бода пред најблискиот во опасната зона Кремонезе кој има 7 бода.

Несторовски летоска потпиша нов едногодишен договор со Удинезе со опција за продолжување на соработката, а на „Дачија Арена“ дојде во летото 2019 година откако Палермо доживеа банкрот.