Соиграч на Меси жестоко критикува: „Златната топка“ е само голема лага!

Доделувањето на „Златната топка“ за најдобар фудбалер во 2018 година предизвика многу коментари, откако Лука Модриќ ја освои наградата пред Лионел Меси и Кристијано Роналдо.

Фудбалската јавност беше шокирана поради тоа што Меси заврши на петтата позиција, иако ја предводеше Барселона до двојна круна, па беше и најдобар стрелец.

По синоќешниот триумф на Барселона во гости против Еспањол (4-0), се огласи Жорди Алба, кој го критикуваше изборот за „Златан топка“.

Меси одигра фантастичен дуел против градскиот ривал, откако постигна два спектакуларни голови од слободен удар по што Алба кажа дека Аргентинецот е најдобар во светот.

„’Златната топка’ е една голема лага! Постои многу притисок од страна на клубовите, медиумите и сите останати во изборот. Сите знаат дека Меси е најдобар во светот. Таа награда треба да биде доделена за индивидуалните постигнувања, а не титулата со клубот. Пеле нешто зборуваше дека бил подобар од Меси, но тогаш тој е слеп ако зборува така“, порача Алба.