Сите забегаа: Шпанците ќе играат во САД, а Италијанците во - Австралија

Европскиот фудбал уште е во шок по најавата дека првенствениот дуел меѓу Виљареал и Барселона од Ла Лига е планирано да се игра во декември во Мајами, а од Италија стигна уште побизарна информација.

Раководството на Серија А има идеја натпревар од основниот дел на италијанското првенство да се одржи во Австралија. Станува збор за мечот меѓу Милан и Комо кој е на програмата во февруари до кога треба да се решат сите формалности и овие два клуба да гостуваат на австралискиот континент.

„Во моментов се е само идеја и нема никакви активности бидејќи очекуваме дозвола од УЕФА, а се надеваме дека таа ќе стигне до крајот на септември. Нема место за критики затоа што станува збор за само еден од вкупно 380 натпревари колку што се играат во текот на сезоната. Знам дека патот дотаму не е лесен, но исто така некои фанови ќе ја искористат можноста да ја посетат Австралија првпат во животот. Таму имаме голема база италијански навивачи и симпатизери на Серија А и затоа сакаме да се претставиме пред нив“, вели претседателот на Серија А, Еѕио Симонели.

Ако се биде според плановите, натпреварот би се играл во Перт. Тоа ќе биде прв меч од Серија А што ќе се игра надвор од Италија, но не и прв меч од италијанскиот фудбал бидејќи неколку години Суперкупот се одржува во Саудиска Арабија, а порано и во САД, Кина, Либија и Катар.