Роналдо со изјава за новиот тренер најави останување во Манчестер Јунајтед!

Кристијано Роналдо се уште нема официјално соопштено дали и следната сезона ќе го носи дресот на Манчестер Јунајтед, но шансите за такво нешто се сѐ поголеми по неговата денешна изјава поврзана со новиот тренер, Ерик Тен Хаг.

Португалецот му посака добредојде на холандскиот стратег и потенцира дека е среќен и возбуден што ќе соработува со овој стручњак.

„Тоа што го знам за Ерик е дека направи фантастична работа со Ајакс и дека е искусен тренер. Но, тој мора да добие време за да ги направи работите такви како што тој посакува. Се надевам дека ќе имаме успех. Среќни сме и возбудени и тоа не само како фудбалери туку и како навивачи на Јунајтед. Му посакувам сѐ најдобри и се надевам дека следната сезона ќе освојуваме трофеи“, изјави Роналдо.

Португалскиот репрезентативец сезонава постигна 24 погодоци во сите натпреварувања, со што покажа дека сѐ уште не е за „старо железо“.