Ристовски на првиот тренинг за Спортинг се – повреди

Македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски, членот на португалскиот гигант Спортинг Лисабон се повредил уште на првиот тренинг вчера попладне во Швајцарија, каде „лавовите“ заминаа на подготовки за новата сезона по собирот што го имаа и лекарските прегледи во минатата недела во португалската престолнина.

Според информациите на португалските медиуми, Ристовски лошо го свиткал скочниот зглоб на воведниот тренинг и веднаш го напуштил тренингот во друштво на клупските лекари со болна гримаса. Сега не се објавува каков степен на повреда е, иако дел од медиумите посочуваат дека не станува збор за нешто посериозно, пред се проблем со лигаментите на зглобот, па македонскиот фудбалер брзо би требало да се врати на подготовките.

Десниот бек во минатата сезона беше стандарден кај тренерот Марсел Кајзер, а на почетокот на летово беше најавено дека може да биде продаден ако дојде „понуда која не се одбива“ за него, откако во јануари имаше сериозен интерес од Лацио, но тогаш „римјаните“ сакаа да го добијат на шестмесечен заем со право на откуп ако бидат задоволни (Спортинг експресно ја одби таа понуда).