Ристовски во шок: Имаме деца и семејства, кои се преплашени

Спортинг Лисабон вчера беше во центарот на вниманието на фудбалската јавност во светот, откако педесетина хулигани влетаа во тренинг кампот на клубот и ги наднаа играчите и стручниот штаб. 

Македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски за среќа е неповреден по инцидентот, но и натаму е шокиран од случувањата. Некои негови соиграчи како Бас Дост, кој е најдобар стрелец во тимот заработи повреди на главата, откако хулиганите влетаа во тренинг-центарот со солзавец и факели. Ристовски вели дека сите во неверица по тоа што се случи и дека ова е еден голем срам за Спортинг, но и за целиот фудбал во Португалија. Тој напоменува дека сега движењето низ Лисабон им е лимитирано и сите фудбалери мораат да внимаваат каде одат и што прават.

„Како се чувствував за време на инциденто? Па кога ќе ве нападнат хулигани на таков начин, навистина не знам што да чувствувам. Беше вистинска драма за целиот фудбал во Португалија. Голем срам за еден вака голем клуб како Спортинг, клуб на кој не му доликува вакво нешто. Сега не ни останува ништо друго освен да си седиме дома и да внимаваме каде се движиме и што правиме. Не паметам каде се има случено вакво нешто“, вели Ристовски за „Спорт1“.

Низ португалските медиуми се појавија шпекулации дека Спортинг нема да го игра натпреварот од финалето на Купот против Авеш, поради револт по инцидентот. Македонецот, вели дека нема никаква дефитивна одлука и дека тој е натпревар малку важен во однос на она што се случи вчера.

„Нема никаква дефинитивна одлука околу финалето на Купот, но тоа во моментов е најмалку важно. Имаме деца и семејства кои се преплашени, а за тој натпревар ќе видиме што ќе биде“, додава репрезентативецот.

Капитенот на Спортинг, Вилијам Карваљо наводно веднаш по инцидентот побарал раскин на договорот со клубот, а според некои шпекулации на истиот чекор се решиле и други фудбалери. Ристовски не сака да размислува за заминување, бидејќи му било сон да игра за славниот португалски клуб и дека ужива во зелено-белиот дрес.

„Јас и мојот менаџер само знаеме што сè направивме за да потпишам за Спортинг и колку многу сакав да дојдам тука. Да уживам во овој клуб и во градот Лисабон. Вакво нешто да ми се случи во еден ваков голем клуб, не можам да поверувам. Уживам играјќи за Спортинг и сега не е моментот да размислувам за заминување. Прво сакаме целата ситуација да се реши, па од недела натаму ќе видиме што и како ќе биде со мојата иднина“, завршува Ристовски. 

Спортинг сезоната во португалската елита ја заврши на третото место со десет бодови помалку во однос на шампионот Порто и три помалку од градскиот ривал Бенфика, која финишираше на втората позиција. „Зелено-белите“ веќе освоија еден трофеј, оној во Лига Купот, а во недела можат да дојдат и до втор доколу го победат Авеш во финалето од Купот на Португалија.