Римското дерби без голови: Рома два пати ја тресеше рамката од голот на Лацио (ВИДЕО)

Рома и Лацио ја оставија отворена битката за пласман во Лигата на шампиони, откако доиграа без голови во големото градско дерби на Рим во Серија А.

„Волчицата“ можеби беше поблиску до погодок, бидејќи два пати ја погоди рамката од голот на Лацио. Најпрво во стативата биеше Бруно Перес, а во судиското продолжение Един Џеко погоди пречка. „Лацијалите“ можеби немаа зицери, но беа тимот, кој повеќе напаѓаше и создаваше прилики. Ниту ова римско дерби не мина без црвен картон, бидејќи исклучен беше Стефан Раду кај Лацио во 80-тата минута. Кога се ќе се собере ова беше типичен дерби дуел помеѓу лутите ривали и за впечатокот да биде комплетен недостигаа само голови.

 Битката за место во Лигата на шампиони следната сезона останува отворена битка. Ако Јувентус и Наполи се сигурни, за третото и четвртото место конкурираат три тима, кои ги дели само еден бод. Лацио и Рома се на третата, односно четвртата позиција со по 61 бод, додека Интер е веднаш зад нив со 60 бодови. Милан откако влезе во серија од четири натпревари без победа заостанува во борбата за ЛШ со 53 бодови.