Репрезентативниот десен бек Тодороски замина на печалба во Азербејџан

Македонскиот репрезентативен десен бек Тодор Тодороски замина во Азербејџан и ќе игра за Сумгаит, откако ја прифати понудата на овој клуб после разделбата со словачки Серед по завршување на сезоната.

За Тодороски ова е петти интернационален трансфер откако досега во кариерата играше за хрватските Осиек и Шибеник, како и за српски Раднички Ниш, пред да се пресели во Серед и сега како слободен играч печалбата ја продолжува во еден од најдобрите клубови во Азербејџан, од каде ја доби најприфатливата понуда меѓу неколкуте што ги имал.

Македонскиот десен бек во јуни беше првотимец во македонската селекција откако селекторот Благоја Милевски не можеше да смета поради повреда на капитенот Стефан Ристовски, а Тодороски е поранешен младински репрезентативец и фудбалер кој во моментов е прва замена за капитенот на десната бековска позиција.

Тој е поранешен фудбалер на Вардар, Металург, Кожув и 11 Октомври.