Репрезентативецот Стојановски заминува од Ним по само една година

Македонскиот репрезентативец Влатко Стојановски по само една година во француски Ним по се изгледа дека ќе си замине од овој клуб, најверојатно на заем, зашто тренерот Жером Арпинон не смета на него за новата сезона.

Стојановски во Ним дојде од тетовска Ренова ланското лето и тоа во сензационален трансфер севкупно вреден 1,5 милиони евра, но немаше прегомена минутажа во тимот, па одигра само шест меча во Лига 1, но добиваше повеќе шанса во Купот, каде постигна два гола против Ланс и Сент Етјен.

Младиот напаѓач, кој е дел од А-селекцијата и својот прв гол за националниот тим го даде во Австрија, сега ќе бара нова дестинација. Арпинон за француските медиуми објавил дека „не смета премногу на Стојановски“, па опцијата за заем е во моментов пореална отколку некаква продажба.

Стојановски е поранешен фудбалер на Металург, играше во хрватските РНК Сплит и Дугопоље, а потоа во Ренова.

Тој во моментов е на подготовки со Ним и против Стразбур играше во второто полувреме, но слободен е во изборот на нов клуб во договор со актуелниот.