Реал Мадрид тргнува по Погба и ќе го урне англискиот рекорд – до 8 август мора да завршат сѐ

Најтрофејниот европски клуб Реал Мадрид тргнува во операцијата да го купи Пол Погба, најавија синоќа англиски и шпански медиуми и рокот за да го завршат трансферот е 8 август.

Погба е желба на Зинедин Зидан, а и француската ѕвезда сака нов предизвик, кој јавно го кажа, па сега откако „кралевите“ се посрамотија во предсезонското градско дерби со Атлетико (3-7), Флорентино Перез јавно им кажал на соработниците дека трансферот на Погба е итен и мора да се случи.

„Погба во Реал е – неизбежно“, најави „Марка“, а британски „Сан“ посочи дека „Реал Мадрид веќе ги има 150-те милиони фунти за да го купи Погба“.

Реал ќе си го ослободи буџетот со заминувањето на Герет Бејл во Џиангсу Сунинг, па со 150 милиони фунти ќе го купи Погба и со тоа ќе го урне англискиот рекорд кој пред година ипол го постави Фелипе Кутињо со трансферот вреден 145 милиони фунти од Ливерпул во Барселона. Погба треба да ја добие платата на Бејл од 600.000 фунти неделно на „Бернабеу“ и да биде шесто засилување по Еден Азар, Лука Јовиќ, Едер Милитао, Ферланд Менди и Родријго, а со тоа Реал ќе ја надмине магичната граница од 500 милиони евра потрошени во еден преоден рок.

Перез сака до 8 август да се заврши трансферот, што е и рок за Јунајтед да најде замени, зашто до 19 часот по македонско време завршува преодниот рок на Островото. Сепак, многу веројатно трансферот да биде завршен и порано, од причина што, англиските медиуми веќе најавија дека во брзо врмее Сергеј Милинковиќ-Савиќ од Лацио и Бруно фернандеш од Спортинг Лисабон ќе пристигнат како засилувања за средниот ред, па Погба ќе добие „зелено светло“ да си оди.

Французинот во Манчестер јунајтед дојде во летото 2016 година за 100 милиони евра од Јувентус.