Рафаел Бенитез не е добредојден на „Гудисон Парк“

Евертон е во потрага по нов менаџер откако Карло Анчелоти реши да го напушти клубот и да се врати во таборот на Реал Мадрид. 

Еден од главните кандидати за клупата на „Гудисон Парк“ е поранешниот менаџер на Ливерпул, Рафаел Бенитез. Сепак, навивачите на „карамелите“ не го сакаат Шпанецот на кормилото на нивниот омилен клуб, токму поради неговото минато на „Енфилд Роуд“.

Навивачите на Евертон поставија голем број транспаренти на „Гудисон“ за да покажаат дека не го сакаат искусниот стратег во клубот. На потег е управата на клубот, која веќе е во преговори со Бенитез, но на крајот можеби навивачите ќе го имаат последниот збор. 

Искусниот шпански тренер во Англија освен во Ливерпул работеше и во Њукасл. Во Шпанија седеше на клупата на Валенсија и Реал Мадрид, а во Италија ги водеше Интер и Наполи.