Првенството на Украина ќе се игра во – Турција?

Фудбалското првенство на Украина, кое за оваа сезона се прекина откако Русија изврши агресија врз оваа земја, многу извесно е дека во новата сезона нема да се игра во оваа земја зашто не се гледа крајот на војната, па според последните најави ќе се игра во друга држава.

Валери Пресолиак, првиот човек на прволигашот Минаи веќе најави дека многу извесно е дека шампионатот во новата сезона ќе се игра во Турција, зашто мнозинство од клубовите се расположени за ваква опција.

Тој посочи дека сите сакаат првенството да продолжи во Украина, но во вакви услови тоа е невозможно и дека за да се спаси фудбалот во земјата, шампионатот ќе мора да продолжи било каде за да не се урне сиот систем.

„Моментно разговараме за организација не првенството во Турција. Колку што сфатив ќе биде во краток формат. Раководството на украинската федерација има таква визија за да се задржи структурата на фудбалот, да се понуди некаква перспектива на фудбалерите, но ќе видиме“, вели Пресолиак.