Прва премиерлигашка мерка против коронавирусот – за пензионери забранет влез на стадион!

Ширењето на коронавирусот низ Европа го вклучи алармот и на Островот, па веќе се најавува дека Премиерлигата од превентива би можела да забрани присуство на гледачи до крајот на сезоната, но таква драстична одлука засега нема.

Но, сепак првата превентивна мерка која ја смислија премиерлигашите е да им се забрани на пензионерите да доаѓаат на стадион. Причината е што најризични групи со новиот ворус се токму луѓето во подоцнежни години, па така Премиерлигата следејќи ги препораките на здравствените и владините органи, ќе забранеле луѓе над 70 години да присуствуваат на мечевите.

Според информации од Англија, утре на состанок во Лондон би требало да се донесе ваква одлука, а Марта Келнер од „Скај Њус“ го најави ова воведно сценарио во битката со превентива од коронавирус.

„Премиерлигата е подготвена некои мечеви и веднаш да се играат без публика, ако такво нешто предложат главните луѓе во здравството, како што тоа направија низа други земји. Се подразбира дека е подобро мечеви без публика, отколку мечеви воопшто да не се играат. Но, се разгледуваат и други опции, да има забрана за пензионери, односно луѓе над 70 години, да не доаѓаат на мечевите зашто тие се најризичната група“, вели Келнер.

Премиерлигата веќе забрани ракување како прва превентивна мерка против коронавирусот. Во Швајцарија до 23 март нема да се игра фудбал, Италија донесе одлука до 3 април да се игра без гледачи, по неколку одложувања на мечеви во изминативе три недели, а и во Македонија се игра фудбал без гледачи по препораката на министерството за здравство.