Проблем за Интер: Лаутаро не сака нов договор, планирал трансфер?!

Милански Интер повторно се соочува со проблем со Аргентинец. Туку што заврши сагата со Мауро Икарди, кој на крај заврши на заем со право на откуп во ПСЖ, сега Лаутаро Мартинез, ланското засилување на „нераѕурите“ прави проблеми.

Лаутаро игра во одлична форма, за Аргентина веќе даде девет од последните 13 гола, па во Интер стравуваат дека „малата“ откупна клаузула од 110 милиони евра во моментов лесно може да се активира. И тргнале на „Џузепе Меаца“ да го подобрат договорот за да го закотват аргентинскиот центарфор на подолг рок во својот тим, зашто Барселона, ПСЖ, Манчестер сити, а и неколку други клубови лесно може да го одврзат ќесето.

Но, Мартинез и неговиот менаџер не сакаат да преговараат за нов договор. Интер му понудиле на Лаутаро двојно зголемување на платата од 1,5 милиони евра годишно на три милиони. Зголемувањето практично е игра на директорот Бепе Марота, за да се избрише моменталната отштета и да се стави поголема сума.

Сега сето тоа е проблем, зашто Лаутаро има сон да игра со Лионел Меси во Барселона, а Луис Суарез полека влегува во години во кои Барселона ќе мора да најде соодветна замена и напаѓачот на Интер е една од опциите. Лаутаро во Интер дојде од Расинг за 22 милиони евра и досега има 10 гола на 37 меча во дресот на „нераѕурите“.