Поранешна ѕвезда на Борусија Дортмунд ќе игра за клуб чиј газда е Македонец (ФОТО)

Поранешниот германски репрезентативец и ѕвезда на Борусија Дортмунд, Кевин Гроскројц е нов фудбалер на шестолигашот Бовингхаузен, чиј сопственик е Македонец. Тој ќе им биде соиграч на двајца македонски фудбалери, кои моментално настапуваат за овој германски нисколигаш. 

Гроскројц иако има само 32 години, зад себе има фантастична фудбалска кариера. Шест сезони беше дел од Борусија Дортмунд. За „милионерите“ одигра 236 натпревари и има постигнато 27 голови. Да не беа сериозните повреди, Гроскројц веројатно уште долго ќе го носеше дресот на германскиот гигант. Сепак, беше дел од две шампионски генерации на „милионерите“ предводени од тренерот Јирген Клоп (2010/2011 и 2011/2012). 

Тој официјално ја заврши професионалната кариера, но не сака целосно да го остави фудбалот па реши да продолжи во нисколишгаот Бовингхаузен чиј сопственик е Македонецот Ајан Џафероски. Тоа е клуб што се натпреварува во Вестфален Лига 2 или шеста по ранг во Германија. Џафероски е познат спортски работник и во македонскиот фудбал, бидејќи е поранешен спонзор на неколку наши клубови.

Во Бовингхаузен моментално играат и наши фудбалери како Денис Рамадан (поранешен капитен на Македонија Ѓорче Петров) и Александар Ѓоргиевски (поранешен играч на Тетекс). Во стручниот штаб на клубот е и поранешниот стопер на Работнички и Вардар, Никола Карчев.

Клубот моментално е лидер во лигата Вестфален Лига 2 и веќе неколку сезони по ред напредува низ регионалните лиги. Амбиците на Бовингхаузен се високи, а Џафероски планира клубот да стигне барем до Третата германска лига. Потписот на Гроскројц само ги потврдува амбициите на овој мал клуб од околината на Дортмунд.