Поранешен прв човек на Партизан купува познат италијански клуб

Поранешниот претседател на белградски Партизан, Зоран Поповиќ е многу близу да го купи поранешниот италијански калчолигаш Ливорно, објавија италијанските медиуми откако Србинот дошол на Апенините на преговори за преземање на овој во моментов потонат клуб во третата лига.

Ливорно моментно е дел од Серија Ц, но е последен и е на чекор да испадне во четвртата лига, па Поповиќ сега планира да го „воскресне“. Според најавите од Италија, Србинот веќе се запознал со инфраструктурата на клубот, условите, а за денеска е закажано собранието на акционерите, по што ќе биде познато дали овој италијански клуб ќе добие нов газда и тоа од Балканот.

Градоначалникот на Ливорно, Лука Салвети објавил дека добил најава оти Поповиќ сака да го купи клубот и дека ја чека официјалната понуда од Србинот.

„Зоран Поповиќ е расположен да достави понуда за купување на Ливорно, а веќе и медиумите најавија дека ќе се сретне со мене. Сѐ додека немаме официјално потпишување на преддоговор, нешто што се вика официјален состанок, преговори, дотогаш нема ништо да коментирам. Но, ме радува што Поповиќ е дојден во Ливорно да го види стадионот, другите објекти и тој е добредојден. Ќе видиме за официјален состанок, кога потребно е нешто повеќе од само обичен интерес“, рекол градоначалникот Салвети.