Перез итро го „измами“ Солари за да не му плати – отштета за отказ!

Најтрофејниот европски клуб Реал Мадрид од вчера има старо-нов тренер во Зинедин Зидан, човекот кој за две ипол години донесе три европски титули по ред. Зидан замина само десет дена по освојувањето на „големите уши“ во Киев, па по неуспешните авантури на Хулен Лопетеги и сега на Сантјаго Солари се враќа на „Сантјаго Бернабеу“ после неполна година.

Солари го плати данокот за катастрофата што „кралевите“ ја доживеаа во минатата недела, кога со три порази (два од Барселона) останаа без трофеи. И сега, Солари заминува од клупата, иако има договор со Реал до 2021 година.

Но, првиот човек на мадриѓаните Флорентино Перез итро го „измамил“ Солари и не му дал класичен отказ, сооглед дека Аргентинецот седна на клупата како привремено решение до крајот на сезоната, па му понудил повторно да се врати на кормилото на Б-тимот. Во случајов тоа значи дека смената финансиски Солари не може да ја наплати, односно ако не прифати враќање на местото од каде што дојде во првиот тим, тогаш Реал нема обврска да му плати било каква отштета. Ниту би имал основа за тужба.

Очигледно е дека Перез се опаметил и дека сега добро одиграл за разлика од минатото, кога своите лоши проценки и пропусти ги плаќаше со солени отштети за тренерите.