Пандев: Не очекував дека ќе дадам волку голови зашто не сум прв напаѓач!

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Горан Пандев влезе синоќа во одбрано друштво во историјата на италијанскиот фудбал, откако со два гола во ремито 2-2 против Беневенто, стигна до јубилејните сто гола во Калчото.

Пандев е првиот македонски фудбалер кој успеал да даде сто гола во некоја од петте најсилни лиги на светот, а овој рекорд му недостигаше како круна на извонредната кариера во која веќе влезе во одбрано друштво со преку 460 мечеви во Серија А, а освојувајќи сѐ на клупски план, како круна дојде пласманот на Евро 2021 со Македонија и дебито на големата сцена во црвено-жолтиот дрес летово.

„Среќен сум заа оваа стотка. Убав 'гол', зашто не очекував дека ќе дадам толку многу голови од причина што не сум прв напаѓач. Но многу сум среќен што овој рекорд го остварив во дресот на најстариот клуб во Италија“, рече после јубилејот македонскиот ас.

Сепак, двата гола не го израдуваа докрај, зашто Џенова и по две водства со Беневенто не победи, па опстанокот сѐ уште не е запечатен, па колку што е среќен за јубилејната стотка, толку жали што неговиот тим не победи.

„Беше важно да победиме, а не успеавме. Двапати водевме, мислев дека ќе победиме, но Беневенто си одигра своја игра, добро се бранеше. Треба да ги победуваме овие мечеви, не сме сѐ уште сигурни. Треба сега да ги наполниме повторно батериите во следните два дена, зашто во сабота нѐ чека битка за опстанок“, додава Пандев.

Џенова има 33 бода и лоша серија од четири меча без победа, па е пет пред Калјари на шест кола до крајот и сега дома ја чекаат Специја која има исто бодовно салдо како и најстариот клуб и победа во тој меч ќе биде голем исчекор кон останување во италијанската елита.

Пандев веќе неколкупати најави пензија после Евро 2021, но сѐ уште размислува, а истото го повтори и после мечот со Беневенто.

„Сѐ уште не знам за иднината. Мислам дека во моментов најважно е да размислуваме за опстанокот, а потоа ќе разговарам со претседателот и со директорот. Мојата идеа е да завршам после Европското првенство, но физички сум добар. Ќе видиме после ЕП“, потенцира Пандев.