Пандев: И понатаму размислувам да ја завршам кариерата на крајот на сезонава!

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев посочи уште еднаш дека и понатаму размислува да замине во пензија по завршувањето на оваа сезона, со надеж дека италијанското Калчо ќе се доигра и тој ќе ѝ помогне на Џенова да обезбеди опстанок во Серија А.

Пандев, кој цели 18 години игра во Италија од поодамна најавува пензионирање по завршувањето на сезонава, но пандемијата со коронавирус ја прекина сезоната, па сега се поставува прашањето дали Пандев се откажува од идејата да игра на Евро 2020 со Македонија. Поради пандемијата баражот со Косово е одложен за на есен, а Евро 2020 ќе се игра дури идното лето. Ако, струмичанецот стави точка на кариерата по завршување на сезоната, тоа би значело дека не би можел да го оствари сонот со репрезентацијата.

Првичниот план на Пандев пред пандемијата беше со Џенова да обезбеди опстанок, а со Македонија да игра на Евро 2020, кое требаше да се одржи летово, но сето тоа Ковид-19 го одложи.

„Во моментов и понатаму стои планот да ја завршам кариерата по оваа сезона. Си замислувам проштален меч пред преполн стадион и сакам со Џенова да се збогувам на извонреден начин, тука минав пет прекрасни години и сакам да им заблагодарам. За овој дрес дадов сè и посакувам да кажам збогум на преполн 'Луиџи Ферарис'“, вели Пандев.

Сепак, останува отворено прашањето за неговата иднина, веројатно најмногу поради Македонија. Не е тајна во Италија дека од поодамна има нов договор на маса со Џенова за уште една година. А, сето ова што го направи пандемијата во фудбалот можеби и ќе го премисли.

„Имам голема желба да се вратам на теренот, сите ние ја имаме таа желба, зашто фудбалот е нашоиот живот. Едвај чекаме повторно да се собереме. Сега се надеваме дека фудбалот може да се врати во нормала, иако не е уште време да се размислува за фудбал. Продолжение на сезоната би било добро, за луѓето пред сè. Тоа ќе им помогне“, додава Пандев.

Италија најави од 18 мај дека ќе дозволи тимски тренинзи, а околу 12 јуни е планот да се продолжи сезоната која би траела до почетокот на август во забрзан ритам.