Одненадеж Мурињо стана еден од главните кандидати за нов менаџер на Ливерпул

Иако не се спомнуваше во ниедна комбинација, трофејниот португалски стручњак Жозе Мурињо сега е меѓу најсериозните кандидати за преземање на менаџерската позиција во тимот на Ливерпул.

Јирген Клоп уште во јануари соопшти дека си заминува од Енфилд, а потоа почна лицитацијата со имиња кои би можеле да го наследат. Главен фаворит беше Чаби Алонсо, а откако тој го продолжи договорот со Баер, сите се свртеа кон тренерот на Спортинг, Рубен Аморим. Сега и со него ситуацијата не е јасна, па англиските обложувалници ги преполовија квотите на Мурињо за кого досега се даваше коефициент 50 за преземање на Ливерпул, а од вчера тој изнесува 25. Пред него се уште има голема конкуренција, прв фаворит и натаму е Аморим, а потоа следуваат Арне Слот од Фееенорд, Роберто де Ѕерби од Брајтон, па Гери Онил, Томас Тухел, Томас Франк, Унаи Емери и Андони Ираола, но разликата во квотите меѓу нив и Мурињо не е голема.

На сето ова кумуваше изјавата на новиот извршен директор Мајкл Едвардс кој рече дека клубот можеби „ќе донесе храбро, а не популарно решение“. Евентуалниот ангажман на Мурињо би бил храбар потег ако се знае неговата историја со Ливерпул и фактот што не е омилен меѓу навивачите на Ливерпул, прво од периодот кога го водеше Челси, а потоа поради годините поминати во лутиот ривал Манчестер Јунајтед.

Мурињо е без ангажман откако во јануари доби отказ од Рома, а во Премиер лигата, покрај Челси и Јунајтед, го водеше и Тотнем. Последниот успех на Португалецот во англиското првенство датира од 2015 година кога со Челси ја освои шампионската титула, трета за него во шампионатот.