Обложувачниците објавија кој е апсолутен фаворит за „златната топка“

Откако заврши фудбалската сезона сосе неколкуте континентални шампионати, а клубовите веќе почнуваат да се подготвуваат за новата, обложувачниците веднаш го објавија првиот фаворит за освојување на „златната топка“ на угледниот француски магазин „Франс Фудбал“.

Според обложувачниците, прв фаворит не е ниту Лионел Меси, ниту Кристијано Роналдо, туку – Вирџил Ван Дијк. Холандскиот стопер од Ливерпул има неочекувано многу низок коефициент и тоа од 1,9 (на едно евро се добиваат 1,9 евра). Ван Дијк беше прогласен за најдобар фудбалер во англиската Премиерлига, ја освои ЛШ со „црвените“, а играше финале на Лига на нации со Холандија. Последен дефанзивец кој ја освоил „златната топка“ е Фабио Канаваро од 2006 година.

Зад Ван Дијк е Лионел Меси, аргентинската суперѕвезда на Барселона, кој повторно ја освои „златната копачка“, стана првак со Барселона во Ла Лига, а освои бронза на Копа Америка. Коефициентот на Меси е 2,5. Трет е египетскиот напаѓач од Ливерпул, Мохамед Салах, кој ја освои ЛШ, ја подели титулата прв стрелец во Премиерлигата, но коефициентот од 6,5 е поради неуспехот со „фараоните“ да стигне до успех на Купот на африкански нации.

Кристијано Роналдо е четврти со коефициент седум, без оглед што ја освои Лигата на нации со Португалија и стана првак во Серија А со Јувентус. Во топ пет е и најдобриот голман во моментов, Алисон Бекер од Ливерпул, кој со Бразил ја освои Копа Америка, со Ливерпул славеше во ЛШ и беше избран за најдобар голман, награда која ја доби и во Премиерлигата. Неговиот коефициент е осум.