„Објавив за болеста на Синиша како новинар, не како пријател. Но, никогаш не би го направил истото!“

Синиша Михајловиќ вчера на пресот по повод објавувањето на неговата тешка болест остро го нападна Иван Закaрони, својот долгогодишен пријател и уредник на „Кориере дело Спорт“, кој завчера на насловната страница објави за состојбата на српската легенда.

Весникот објави токму на денот кога Синиша свика прес-конференција на која сакаше тој прв да ги извести медиумите за неговата здравствена состојба. Но, Закaрони, веста ја објави на насловната стрница, се потпиша на неа и го измами својот пријател.

Така пресот на Михајловиќ веќе беше депласиран, иако тој кажа дека има леукемија, што во меѓувреме исто така беше веќе познато. 

„Сакав да сум прв што ќе викажам за мојата состојба. Но, некој не сакаше да ја почитува мојата приватност. Поради тоа продаде 200 примероци повеќе од својот весник, а уништи пријателство старо 20 години“, рече Михајловиќ.

Еден ден потоа, прозваниот Закaрони му одговори на Михајловиќ на истото место на насловната страница од весникот.

„Веста ја објавив како новинар, а не како пријател на Синиша. Сепак, тоа денес не би го повторил“ напиша Закерони и ги објави пораките кои му ги праќал на Михајловиќ за да праша за болеста, но не добил никаков одговор.

„Никако не ја изиграв довербата на Синиша. Со него последен пат се слушнав пред еден месец. Во петокот неколку пати сакав да се слушнам со него, му пишував и пораки, но немав одговор. Текстот го објавив откако бев сигурен дека е вистинит. За болеста на Синиша знаеја сите новинари. Напишав 20 реда со поддршка за него, без да споменам за која болест се работи. Портпаролот на Болоња ме замоли да не објавувам, а јас одговорив дека тоа ќе го направам дискретно и со почитување на приватноста. Не го направив тоа за да продадам стотина примероци на весникот повеќе, туку како одговор на прашањата на многумина кои знаеја за неговата болест. Објавив зашто на тој начин, а јас сум новинар, го дадов мојот глас за поддршка на мојот пријател“, напиша Закaрони.

„По сето ова, никогаш не би го направил истото. Но, сега е битно само Синиша што побрзо да оздрави“, додаде новинарот.