Несторовски ќе се рехабилитира навреме, ако Палермо игра плејоф за пласман во Серија А?

Македонскиот репрезентативец Илија Несторовски официјално ја заврши регуларната сезона за Палермо во Серија Б, откако го повреди мускулот на десната нога, кој според лекарските извештаи е повреда од втор степен и тој ќе мора да паузира помеѓу 30 до 40 дена.

Несторовски се повреди по половина час игра на гостувањето кај Читадела (0-0) и за него со оваа повреда заврши регуларниот дел од сезоната, која завршува на 18 мај. Дотогаш Палермо има уште шест кола во кои може да се избори за директен пласман во Серија А (повеќе од извесно е дека Емполи е еден од повратиниците), или сицилијанците ќе бараат шанса преку плејофот да стигнат до враќање во калчолигашката елита.

Моментно сицилијанскиот тим имa 60 бода и е третопласиран, колку што има и Парма, а два бода пред овој двоец е Фросиноне, кој моментно го држи второто место што диретно води во Серија А. Тоа значи дека Палермо во завршницата од сезоната без помошта на својот капитен и најдобар стрелец (Несторовски даде 13 гола сезонава) ќе треба да атакува на второто место, затоа што Емполи како лидер е веќе недостижен со 13 бода предност.

Ако, Палермо до крајот на сезоната не успее да избори диретен пласман, шансата ќе ја има преку плејофот, а таму сицилијанците најверојатно ќе бидат засилени со Несторовски, затоа што завршницата на трката за последното место за Серија А почнува на 26 мај, па нема да биде изненадување ако рехабилитацискиот процес биде забрзан за голгетерот да биде оспособен за завршницата. Засега само прашање е Палермо од кое место би стартувал во плејофот, затоа што третото и четвртото место водат директно во полуфинале, што значи дека пласман на тие позиции ќе им донесе прескокнување на една рунда, а и повеќе време за одмор од причина што полуфиналето стартува на 29 мај и се игра во двомеч, за разлика од четвртфиналето, кое е предвидено со еден меч. Ако Палермо почне од полуфинале, тоа веќе сигурно е дека Несторовски ќе биде дел од тимот што ќе се бори за пласман во Серија А.

Според распоредот кој од претходно го објави Серија Б, во четвртфиналето ќе се соочат шестиот и седмиот на 26 мај од 18 часот, а петопласираниот со осмопласираниот ќе играат на 27 мај од 20.30 часот. Победниците потоа вкрстуваат со третиот (игра со подобриот од дуелот помеѓу шестиот и седмиот) и четвртиот (игра со подобриот од дуелот на петиот со осмиот) во полуфинале во двомеч закажан за 29 и 30 мај односно 2 и 3 јуни (сите мечеви од 20.30 часот). Победниците од полуфиналето во финале за последното место во Серија Б ќе се борат на 7 и 10 јуни (двата меча од 20.30 часот).

Сега останува на соиграчите на Несто-гол, меѓу кои и вториот македонски репрезентативец Александар Трајковски да се обидат и без својот капитен да обезбедат директен пласман во Серија А, ако не ќе треба по потешкиот и екстремно напорен период да бркаат калчолигашка виза.