Неочекуван потрес во Арсенал - си замина спортскиот директор
Бразилецот Еду си поднесе оставка од функцијата спортски директор на клубот, а причините за тоа засега се непознати. Се очекува во следните 24 часа тој јавно да се огласи и да објасни што го натерало на ваков потег ако се знае дека ја имаше довербата на најтесното раководство на клубот, а и успешно соработуваше со менаџерот Микел Артета.
Еду беше назначен на позицијата во 2019 година и е најодговорен, односно најзаслужен за тоа што Арсенал последните сезони се врати во англиската фудбалска елита. Во тимот донесе низа ѕвезди, меѓу кои и Мартин Одегард и Деклан Рајс и главно ги исполни сите желби на тренерот.
Меѓу другото, Бразилецот е поранешен играч на Арсенал и го носеше дресот на овој клубот во неговата најславна ера, на почетокот од новиот милениум кога таму играа суперѕвезди како Анри, Бергкамп, Виеира, Пирес, Адамс, Кол итн.