Навивачите му се заканија на Влаховиќ: Чуварите нема да ти го спасат животот! (ФОТО)

Еден од најталентираните напаѓачи во Европа, Србинот Душан Влаховиќ е на чекор да ја напушти Фиорентина и да се пресели во Јувентус, а тоа не им се допаѓа на навивачите на неговиот сегашен тим, па тие испратија сериозни закани кон младиот фудбалер.

Навивачите пред стадионот во Фиренца, „Артемио Франки“ поставија транспаренти со морбидни закани, со што може да се заклучи дека ситуацијата во Фиорентина е сериозна и опасна за Влаховиќ.

„Твоите чувари нема да ти го спасат животот. Твојот живот е готов“, пишуваше на транспарентите кои беа поставени пред стадионот на калчолигашот.

Српскиот голгетер игра во одлична форма оваа сезона, па така на 24 натпревари за Фиорентина постигна дури 20 голови и одби да стане најплатен фудбалер во историјата на клубот од Фиренца затоа што е подготвен за нов предизвик.

Англиски клубови беа заинтересирани за услугите на српскиот репрезентативец, но Влаховиќ не сака да замине од Италија и веќе наводно се договорил со Јувентус, кој треба да плати 70 милиони евра за трансфер.