Наполи не го дава Елмас – почнале преговори за нов договор со „дијамантот“

Македонскиот „дијамант“ Елиф Елмас, кој без оглед на улогата на џокер во Наполи, има извонредна сезона со шест гола и две асистенции и е трет најдобар стрелец на калчолигашкиот лидер, веќе почнал преговори со наполитанците за нова соработка, две години пред истекот на актуелниот договор.

Лучано Спалети и Наполи за жива глава не го даваат македонскиот репрезентативец, па „Кориере дело Спорт“, најави дека отворени се преговорите за новата соработка после 2025 година и истите ќе се интензивираат летово после завршување на сезоната, во која Наполи е на чекор да го освои првото „скудето“ по 33 години пауза (од ерата на Диего Марадона), а допрва го чека предизвик против Милан за полуфинале во Лигата на шампионите.

Во Неапол имаат план актуелниот тим во најголем дел да го задржат на подолг рок, па неодамна до 2027 година потпиша словакот, Станислав Лоботка, а претходно со Камерунецот Ангиса, па Елмас е следен во низата за продолжување на соработката.

Според најавите на реномираниот италијански весник, Елмас кој има годишна плата од 1,5 милиони евра сега ќе добие зголемување на платата, а новиот договор за Македонецот е само потврда дека Наполи многу го цени и смета на него и во подалечна иднина.

Елмас во Наполи дојде на барање на Карло Анчелоти во летото 2019 година за 16 милиони евра плус бонуси од турски Фенербахче, а досега наполитанците одбија низа понуди до 25 милиони евра од Лидс, Бенфика, Борусија Дортмунд за да го продадат. Летоска Елмас се поврзуваше со Милан, а зимоска со Ливерпул, но сѐ остана само на интерес без конкретна понуда.

Италијански медиуми пред два месеци дури објавија дека Аурелио Де Лаурентис не седнува на преговори за Елмас за помалку од 50 милиони евра, ама после сѐ веројатно во Наполи решиле дека Македонецот не е на продажба по никоја цена, најмногу и поради фактот што сезонава Спалети буквално го искористи на секоја позиција во средниот ред.