Мурињо денеска официјално ќе го преземе клубот што го „избрка“ од клупата на Фенер!

Еден од најлегендарните тренери на денешницата, Жозе Мурињо, е на мал чекор до потпис на двегодишен договор со Бенфика, откако веќе пристигна во Лисабон, каде што денеска се очекува клубот официјално да го претстави како нов предводник од клупата.

За „Специјалниот“ ова е враќање во таборот на португалскиот гигант по 25 години, откако во 2000 година имаше кратка епизода во овој клуб.

„Мислев дека следното враќање во Португалија ќе ми биде како селектор на репрезентацијата. Немав план да седнам на клупата на Бенфика, но клубот ме праша дали сум заинтересиран. Без размислување реков дека сакам да разговараме. Кој тренер би ја одбил Бенфика? Јас сигурно не“, изјави Мурињо по доаѓањето.

Интересен е фактот дека само пред десетина дена, токму по пораз од Бенфика, тој беше отпуштен од функцијата тренер на Фенербахче. Составот од Лисабон се реши за промена на тренерската позиција по неочекуваниот пораз од Карабах (2-3) во Лигата на шампионите, по кој беше избркан Бруно Лаге.

ФОТО: X / @MourinhoPics