„Мојата генерација би го победила Ливерпул со 1-0, бидејќи сите сме над 40 години“

Поранешниот капитен на Манчестер јунајтед, Рој Кин имаше остри зборови за сегашните фудбалери кои го носат дресот на „црвените ѓаволи“ по вчерашниот пораз од 3-1 на гостувањето кај лутиот ривал Ливерпул.

Ирецот, кој беше предводник на Манчестер јунајтед во вистинска смисла на зборот, имаше и интересен одговор на прашањето, „дали неговата генерација од 1999 година, би го победила овој Ливерпул.

Кин без многу размислување одговори, „да, би победиле со 1-0“.

Следуваше уште едно прашање, „само со 1-0?“, а одговорот на Кин беше легендарен.

„Да, само со 1-0, бидејќи повеќето од нас сега имаме преку 40 години“, додаде Кин, кој беше еден од омилените играчи на Сер Алекс Фергусон, кога Јунајтед доминираше во англискиот фудбал.

Ливерпул моментално има 19 бодови повеќе од Манчестер јунајтед, кој е далеку и од местата кои водат во Лигата на шампиони.