„Миовски сака да биде прв напаѓач на Македонија, Абердин ќе му помогне во тоа“

Менаџерот на шкотскиот великан Абердин, Џим Гудвин им порача на сите навивачи дека после само три меча сите се свесни зашто шкотскиот клуб даде пола милион фунти за да го ангажира, најавувајќи дека во следните години од Македонецот очекува да се бори за „златната копачка“ во Шкотска.

Миовски летово дојде од МТК во Абердин и одигра три меча на кои даде три гола досега, од кои два против Сент Мирен во триумфот со 4-1, па менаџерот на Донс порача дека македонскиот напаѓач ако реализира пола од шансите во кои ќе влезе – ќе се изнадава голови!

„Тој е момче кое не поставува бројка за цел, а јас од него сакам само да се обидува и да влегува во вистинскиот простор за да проба да реализира што е можно повеќе. Минатиот викенд имаше четири шанси, даде два гола и ако остане на 50 отсто од реализација на шансите – ќе се изнадава голови. Миовски има цел да биде прва 'деветка' на Македонија, да биде стартер и да игра цели мечеви, затоа е тука, тоа сака да го направи, а ние сме тука да му помогнеме во тоа. Бојан сака да го предводи нападот на Македонија константно, а не само да добива повремена шанса и затоа мислам дека шкотскиот Премиершип и Абердин може да му го овозможат тоа, да биде успешен на репрезентативната сцена“, вели Гудвин.

Менаџерот посочи дека цел на Абердин е да го има Миовски неколку сезони и тој да биде еден од главните центарфори во лигата.

„Направивме голема инвестиција во него и мислам дека луѓето веќе сфаќаат зашто тоа го направивме. Утре да го ставиме на трансфер-пазарот, ќе добиеме позитивен поврат на инвестираните пари веќе сега, но ние никаде не брзаме за продажба. Сакам да биде тука неколку сезони, да се бори за 'златната копачка' во следните години и ако во тоа успее тогаш ќе имаме – вин-вин ситуација за двете страни“, додаде менаџерот.