Милан подготвува сензационален трансфер на „дијамантот“ на Рома

Директорот на Милан, Паоло Малдини минатата недела имал состанок со агентот на Николо Заниоло од Рома. 

„Росонерите“ се интересираат дали постои можност, односно желба кај младиот Италијанец да се пресели на „Сан Сиро“. Заниоло се мачи во играта на Рома сезонава под водство на Жозе Мурињо и често останува на клупата за резервни играчи.

Во Милан веројатно би имал повеќе простор за игра со оглед на формацијата на Стефано Пиоли со класична „десетка“ или полушпиц, каде моментално игра само Брахим Дијаз. 

Според италијанските медиуми, Заниоло не би имал проблем да го облече дресот на „росонерите“, но сопствениците на миланскиот тим се малку скептични. Тие не се сигурни дали треба да инвестираат висока сума на пари во фудбалер, кој во својата кариера два пати ги скина предните вкрстени лигаменти на коленото, а има само 22 години.