Милан го славеше 125. роденден, навивачите протестираа против газдите: Ние не сме Американци (ВИДЕО)

На синоќешниот натпревар против Џенова на домашен терен, Фудбалскиот клуб Милан го прослави својот голем јубилеј - 125-годишнина од формирањето, но атмосферата на Сан Сиро не беше славеничка.

За тоа се погрижија навивачите кои го изразија своето незадоволство од начинот на кој се води Милан и од резултатите на екипата оваа сезона. Десет минути воопшто не навиваа во знак на протест, а потоа скандираа против актуелната управа кон која упатија и свирежи и навреди. Истото тоа се случуваше и по натпреварот пред Сан Сиро каде најзагреаните фанови истакнаа и транспаренти.

„Си заминувате или не?“, „Ние не сме Американци“ и „Неспособни менаџери, друштво без амбиции“, пишуваше на транспарентите пред стадионот на Милан, а истото го скандираа и присутните навивачи.

Фудбалскиот клуб Милан е безмалку 100% во сопственост на американската компанија Ред бирд капитал која во 2022 година го откупи за 1,3 милијарди долари. Првиот човек на компанијата Гери Кардинале е одговорен за клубот и тој вчера беше цел на навреди од навивачите, како и актуелниот тренер Пауло Фонсека за кого се зборува дека деновиве ќе добие отказ.