Меси бил во Барселона да го потпише договорот, па останал шокиран дека сѐ пропаднало!

Најдобриот фудбалер на сите времиња во Барселона, Лионел Меси повеќе нема да игра за каталонската гордост, откако шпанскиот великан се прости ос својот виртуоз, после официјалната објава дека поради „финансиски и структирни проблеми“ и покрај начелниот договор за нова соработка, не е во можност да се реализира сето тоа.

Каталонија прсна во плач поради заминувањето на Меси, а Аргентинецот од завчера бил во Каталонија и вчера требало да биде официјализирана соработката, арно ама наместо потпис се случила катаклизма. Како што објави шпанскиот новинар Феран Мартинез и самиот Меси бил шокиран кога му било соопштено дека договорот пропаѓа, а истото го објави и „гуруто за трансфери“ Фабрицио Романо.

„Меси е во шок! Вчера дојде во Барселона зашто денеска требаше да го потпише договорот со Барселона, со која претходните недели веќе имаше начелен договор, а сега треба да си оди. Лео сега сака да се прости од Каталонците, но тоа денеска нема да се случи. Прво сака да размисли сѐ за случувањата и да анализира што понатаму“, објавил Мартинез, инаку новинар на „Ел Мундо Депортиво“, најпознатиот спортски весник од Каталонија и ептен близок до Барса.

Романо, пак, синоќа објави дека Меси директно од Жоан Лапорта бил информиран за блокадата за регистрација на трансферот, што Аргентинецот ја цени големата искреност на првиот човек на Каталонците, а проблемот за регистрацијата не е само за него, туку и за други фудбалери.

Според Романо, Меси веќе почнал преговори со Пари Сен Жермен, нешто што најавија и дел од француските новинари, но угледниот „Ле Паризиен“ посочува дека во моментов парижаните имаат едно погорливо прашање, како да го задржат Килијан Мбапе, што е дополнително оптеретување во делот за ангажман на Меси.

„Мундо Депортиво“, пак, потенцира дека Меси веќе одбил три големи понуди зашто бил сигурен во останувањето во Барселона, но сега САД и Катар се појавуваат како опции за неговата иднина. Манчестер сити после ангажманот на Џек Грилиш за премиерлигашки рекорд од 100 милиони фунти и најавеното можно подобрување на рекордот ако го земат Хери Кејн од Тотнем, практично не ни влегуваат во трка за Меси, а ПСЖ е најголем фаворит во моментов за аргентинската суперѕвезда.

За денеска во 11 часот, Лапорта, пак, веќе закажал прес-конференција на која во детали ќе објасни сѐ околу случајот со Меси.