„Марка“: Меси пресекол по консултации со татко му и адвокатите – останува во Барселона!

Најугледниот шпански спортски весник „Марка“ објави дека дефинитивно има пресврт во случајот со најдобриот светски фудбалер Лионел Меси и аргентинската суперѕвезда донела одлука да остане во Барселона и во оваа сезона, по која како слободен играч ќе си замине од Каталонија.

Според весникот, Меси ја донел оваа одлука после средбата со својот татко Хорхе, кој му е менаџер и со својот правен тим на адвокати, па откако ги слушнал сите детали пресекол да остане, на радост на навивачите на Каталонците.

Одлуката Меси ја донел после состанокот на неговиот татко со Жозеп Марија Бартомеу, кој посочил дека Барселона нема намера да го продаде и не им паѓа напамет да го раскинат договорот спогодбено. Поради ова, без оглед на желбата на Меси по 20 години да си замине, Аргентинецот не сакал случајот да се развлече низ судските лавиринти, како што беше случај со Нејмар, за да исфорсира заминување, па се решил да остане член на Барса за новата сезона 2020/21 и идното лето да си оди како слободен играч, што би значело дека Каталонците нема да заработат ништо.

Аргентинецот сакал со Барселона да најде заеднички јазик за клубот од него да заработи пари, но со прифатлива цена, ама инаетот на раководството сега го турнале во ќорсокак, па Меси веќе во јануари ќе може да си го договори трансферот според правилата на ФИФА и од јуни да се пресели во клубот со кој ќе ги договори сите лични услови. Манчестер сити, ПСЖ, Интер, Јувентус се клубовите кои откако беше објавена можноста за заминување на Меси, беа на „стенд бај“ и чекаа разврска, ама сега ќе мора да почекаат една година пред да тргнат во жестока битка за ангажман на аргентинскиот велемајстор.

Меси после епската бламажа со баерн (2-8) реши да си оди од Барселона и писмено побара раскин на догвоорот, но Каталонците не сакаа да чујат за такво нешто, а сега на последниот состанок на Бартомеу со татко му, Барса му понудила нов договор до 2022 година, ама со клаузула ако сака да си замине идното лето, тоа да го стори за прифатлива отштета. Според „Марка“, во следните часови Меси веројатно сето ова јавно ќе го потврди.