Македонија во „лига петка“ со седум играчи е трета најслаба од бивша СФРЈ! (ФОТО)

Сезонава како ретко кога Македонија има солиден број на фудбалери во најсилните пет лиги, т.н. „лига петка“ и тоа благодарение на низа трансфери од рекордниот на Елиф Елмас во Наполи, па трансферите на Илија Несторовски (Удинезе) и Александар Трајковски (Мајорка), „џиновскиот“ трансфер за македонски услови на Влатко Стојановски во Ним од Ренова...

Севкупно во моментов во петте најсилни лиги играат седум Македонци. Најмногу во Серија А и тоа Елмас (Наполи), Несторовски (Удинезе) и Горан Пандев (Џенова). Ла Лига е втора со двајца репрезентативци во Енис Барди (Леванте) и Трајковски (Мајорка), а по еден имаме во француската Лига 1 во Стојановски (Ним) и во германската Бндеслига во Дарко Чурлинов (Келн).

Но, ако се споредиме со соседите и „бившите браќа“ од поранешна Југославија, само две земји имаат помалку фудбалери во фудбалскиот крем во Европа – Црна Гора и Косово. Двете најмлади членки од екс-СФРЈ во ФИФА и УЕФА имаат по шест. Пред нас е Словенија со 10, БиХ има дури 15, Хрватска е во самиот врв со 28, а Србија втор „најголем“ извозник со 36.

Зад Македонија интересно е една Украина, која веќе обезбеди пласман на Евро 2020 со само шест фудбалери, но сето тоа е доволен доказ и колку домашната лига во оваа земја е силна штом најголемиот дел од репрезентативците играат во нивните клубови, а два се вистински гиганти во Шахтер и Динамо Киев, кои се дел од групите во ЛШ односно Лига Европа.

Вкупно 360 фудбалери во петте најсилни лиги има од земјите од Европа, а најмногу ги има во Серија А – 104. Па следи Бундеслигата со 102, додека англиската Премиерлига е трета со 87.