Ливерпул експресно најде замена за менаџерот Арне Слот и тоа од – Премиер лигата!

Андони Ираола е на чекор до клупата на Ливерпул, откако клубот наводно постигнал договор со шпанскиот стратег за преземање на тимот по заминувањето на Арне Слот.

Според информациите на познатиот новинар Фабрицио Романо, раководството на „црвените“ ги финализирало преговорите со 43-годишниот тренер, кој беше еден од најбараните стручњаци на пазарот по одличната сезона со Борнмут.

Клучна улога во постигнувањето на договорот наводно имал спортскиот директор на Ливерпул, Ричард Хјуз, кој претходно успешно соработуваше со Ираола. Шпанецот го водеше Борнмут од 2023 година и зад себе остави историска сезона, во која клубот заврши на шестото место во Премиер лигата и обезбеди пласман во Европската лига. Ливерпул, пак, следната сезона ќе настапува во Лигата на шампионите, а раководството очигледно верува дека токму Ираола е човекот што треба да го врати тимот во борба за трофеите.

Ираола тренерската кариера ја почна на клупата на кипарски АЕЛ во 2018 година, а има работено уште во Мирандес и Рајо Валјекано. Тој е играчка легенда на Атлетик Билбао, за кој во периодот од 2003 до 2015 година одигра 406 меча и постигна 33 голови.

ФОТО: www.afcb.co.uk