Лидс ја брани одлуката за прославата: Сакавме да ги натераме навивачите да си одат дома!

Синошешните сцени пред „Иланд роуд“ во Лидс, каде македонскиот репрезентативец Езгјан Алиоски и соиграчите на отворен автобус го славеа трофејот од Чемпионшип и пласманот во Премиерлигата со илјадниците навивачи ја разочара англиската јавност во ек на пандемијата со коронавирус.

Медиумите и јавноста останаа шокирани од прославата во момент кога коронавирусот зема повторно сериозен замав, а со собирањето на навивачите пред стадионот уште за време на мечот со Чарлтон (4-0) беа прекршени сите мерки за превенција од ширењето на опасниот ковид-19.

Но, од Лидс откако беа „распнати“ за потегот, брзо се јавија и посочија дека потегот бил начин да ги испратат побрзо навивачите дома.

„Ние се консултиравме со здравствените власти и советот на Лидс, па решивме да обезбедиме автобус пред источната трибина како потег за да успееме да ја распрснеме толпата во случај истата да се собере пред стадионот. Ние како клуб имавме кампања повеќе од еден месец за да се остане дома на безбедно, но безбедносната група процени дека кратко појавување на фудбалерите ќе помогне навивачите безбедно да си заминат. Во вакви моменти безбедноста на навивачите секогаш била наш приоритет“, објавија од Лидс.

Неколку илјади навивачи беа пред стадионот синоќа, а преку 7.000 на централниот градски плоштад во неделата, кога и официјално Лидс обезбеди враќање во Премиерлигата.