Легендарниот Стивен Џерард ќе му биде тренер на Миовски!?

Поранешниот капитен на Ливерпул и англиската репрезентација Стивен Џерард е пред сензационално враќање на Ајброкс Парк каде треба повторно да го преземе Ренџерс, тврдат островските медиуми.

Шкотскиот гигант синоќа го избрка досегашниот менаџер Расел Мартин како последица на очајните резултати од почетокот на сезоната. Ренџерс е на осмата позиција на табелата со осум бода од седум натпревари и негативна гол-разлика (6-7), а чашата ја прели ремито против Фалкирк во мечот во кој тимот од Глазгов водеше со 1-0 со голот на Бојан Миовски.

Џерард беше менаџер на Ренџерс во периодот од 2018 до 2021 година и во последната сезона ја освои титулата во шкотската Премиер лига без ниеден пораз. Двете страни веќе почнале преговори и во текот на денов се очекуваат детални информации во врска со тоа. Џерард е без ангажман откако на 29 јануари годинава го напушти саудискиот клуб Ал Етифак.