Куман си ја наведна главата: Кога нема пари за Депај, добар е и – Луис Суарез!

Уругваецот Луис Суарез беше на чекор до трансфер во Јувентус, откако беше прогласен за непожелен од новиот тренер на Барселона, Роналд Куман, но во последен момент неговото заминување се искомплицира, а се поизгледно е дека и следната сезона ќе игра на „Камп Ноу“.

Пресвртот се случи помалку принудно, по информацијата дека Барса во моментов нема ниту 30 милиони евра на располагање за да го купи Мемфис Депај, кој беше најголема желба на новиот стратег. Сега одеднаш Суарез е доволно добар за да биде предводник на офанзивата на каталонскиот гигант, иако до пред неколку дена не беше добар воопшто да го облече дресот на Барса.

Една од причините за ова е и фактот што Лионел Меси не успеа да договори заминување од Каталонија, па управата на клубот не инсистираше премногу на заминување на неговиот најголем пријател во тимот, Суарез.