„Кориере дело Спорт“: Елмас е импресивен, сезонава игра(ше) на дури – пет позиции!

Еден од најпопуларните италијански спортски весници „Кориере дело Спорт“ со многу пофалби го проанализира македонскиот „дијамант“ Елиф Елмас во рекордната полусезона на Наполи со 50 бода во битката за првото „скудето“ уште од 1990 година и ерата на Диего Марадона.

Елмас откако во летото 2019 година дојде на барање на Карло Анчелоти за 16 милиони евра од Фенербахче, досега собра 151 настап за Наполи, а има само 23 години и пред една недела првпат беше и капитен, најмлад после Лоренцо Инсиње на еден официјален меч. Сезонава која ја игра, а има само седум меча како стартер во 18-те на кои настапи, има најдобар голгетерски ефект, со пет гола и асистенција во Серија А, па е трет стрелец на тимот зад Виктор Осимен (13 гола) и Квича Кварацхелија (седум).

„Елмас викендов не се запиша во листата на стрелците, ама од дирекот му асистираше на Осимен за голот за победа во Салерно. И Македонецот сезонава е вистинско изненадување и освежување, зашто има четири гола на последните седум меча од влкупно петте досега во Серија А. Но, тоа што е најважно е дека сезонава играше на пет различни позиции – од лево и десно крило, последен за врска, централен фудбалер за врска до плејмејкер.

Очигледно е дека каде и да истрча, остава свој белег и не треба да чуди тоа што Спалери јавно посебно го истакнува и го фали. И тоа не е само сега, туку веќе две години, откако Спалети дојде во Наполи. А, не е тоа ништо зачудувачки, лани Елмас беше фудбалер со најмногу настапи за Наполи, дури 46 меча. Но, Елмас е секогаш тука, секогап подговтвен да даде максимум. И годинава тоа го повторува, зашто ја има самодовербата, ја има довербата од Спалети, ама ја чувствува довербата и од целото опкружување“, пишува „Кориере“.