Конте не се откажува од Лукаку – новата понуда 55 милиони евра и еден отпишан играч

Тренерот на милански Интер, Антонио Конте не се откажува од идејата да го купи белгискиот напаѓач Ромелу Лукаку од Манчестер јунајтед, иако веќе неколку недели, преговорите не мрдаат од мртва точка поради големите разлики во сумата што ја нудат „нераѕурите“ и тоа што го бараат „црвените ѓаволи“.

Како што објавуваат италијанските медиуми, Конте во согласност со раководството, сега на Јунајтед му понудил 55 милиони евра и еден од отпишаните играчи, Хрватот Иван Перишиќ. Репрезентативецот на „коцкестите“ пред една година беше ептен интересен за Јунајтед, кои дури се обиделе да го ангажираат, но тогаш офанзивното крило ја одбил идејата да се пресели на Островот за 40-на милиони евра.

Сега, откако Перишиќ е на трансфер листа, Интер се надева дека нивната желба да го ангажираат и плус пари ќе бидат доволни да се исполнат барањата за 80 милиони евра колку што „ѓаволите“ го ценат белгискиот ѕвер.

Останува да се види дали Оле Гунар Солшер би прифатил вакво нешто или преговорите ќе останат во ќорсокак.