Конте ептен го испофали Македонецот: Свети Елмас заслужува споменик во Неапол!

Тренерот на Наполи, Антонио Конте, не штедеше пофални зборови за македонскиот репрезентативец Елиф Елмас по синоќешната победа на домашен терен против Торино (2-1) во меч од Серија А.

Македонецот на оваа средба го постигна својот прв гол сезонава и тоа против својот поранешен клуб, откако со ефектен полуволеј ја затресе мрежата на гостите. Елмас повторно беше стартер и ја продолжи серијата од 18 натпревари по ред во првиот тим на актуелниот италијански шампион. Конте беше воодушевен од придонесот на Елмас и јавно го пофали по натпреварот.

„Да не го заборавиме Свети Елмас, бидејќи тој заслужува споменик. Тој разбира фудбал, постојано е инволвиран во играта, може да покрие многу позиции – како дефанзивен играч за врска, но и како офанзивец во средниот ред. Тој е неверојатен фудбалер. Стартуваше на 18 натпревари по ред и ние сме среќни што го имаме“, изјави Конте.

Македонскиот фудбалер му се заблагодари на својот тренер за комплиментите и истакна дека ужива да игра под негово водство.

„Многу сум среќен поради голот, но уште повеќе поради победата, која е многу важна за нас во борбата за местата што водат во Лигата на шампионите. Му благодарам на Конте за убавите зборови. Го следам тренерот во секое тактичко решение и на која било позиција на која треба да играм. Уживам кога можам да покријам повеќе улоги и најважно ми е што можам да му помогнам на тимот“, изјави Елмас по натпреварот.

Наполи со овој триумф остана на третата позиција со 56 бодови, еден помалку од Милан и 11 помалку од Интер, кои утре вечер играат помеѓу себе.