
Консеисао ги нервира навивачите: Кога последен Милан освоил два трофеја во една сезона?
Синоќа „росонерите“ загубија од Аталанта и повторно почна притисок врз него. На прес-конференција по натпреварот, Португалецот беше прашан што мисли за тоа и се чини дека го загуби трпението.
„Штом стигнав во Милан го освоив Суперкупот, а два меча подоцна почнаа сите да зборуваат за смена на тренерот. Со секој следен ден, опкружувањето е се помалку позитивно. За мене тоа ништо не значи бидејќи многу години сум во фудбалот и се навикнав, притисокот ме мотивира. Добро е што немаме нечиј респект бидејќи на крајот од сезоната можеби некој ќе пресмета кога Милан последен пат освоил два трофеја во една сезона“, рече Консеисао.
Тој алудира на шансите на неговиот тим да дојде до трофејот во Копа Италија откако во јануари триумфираше во Суперкупот. В среда треба да се игра (ако не биде одложен поради смртта на Папата) реванш дуелот од полуфиналето на Копа Италија каде Милан од првиот меч против Интер има активен резултат 1-1. Последен пат, два трофеја во една сезона Милан освоил во сезоната 2007/08 кога триумфираше во Суперкупот на УЕФА и Светското клупско првенство.