Каталонците објавија 17 факти: Барса им објасни на хејтерите зошто е Меси најдобар на светот!

Најдобриот аргентински фудбалер и лидер на шпанска Барселона, Лионел Меси синоќа во Милано беше избран по шести пат за најдобар светски фудбалер според Светската фудбалска федерација (ФИФА), откако фудбалскиот виртуоз победи во конкуренција со Вирџил Ван Дијк (Холандија, Ливерпул) и Кристијано Роналдо (Португалија, Јувентус).

Иако после добиената награда од УЕФА за играч на ланската сезона, сите очекуваа дека Ван Дијк ќе стане првиот дефанзивец по Фабио Канаваро (2006) кој го добива признанието за најдобар светски фудбалер, сепак во гласањето на капитените, селекторите, новинарите и јавноста во овој избор на ФИФА победи – Меси.

За Аргентинецот ова е шесто вакво признание од ФИФА, која во еден период заеднички со „Франц Фудбал“ ја доделуваа и „златната топка“ после освоените награди во 2009, 2010, 2011, 2012, 2015 година. Лани, Лука Модриќ беше избран за најдобар фудбалер на светот, ама новиот избор на Меси повторно ги налути противниците на Аргентинецот, по што Барселона со 17 факти им објасни зошто нејзиниот прв фудбалер е најдобар на светот за оваа година.

1. Освоена Ла Лига и Суперкупот – со два нови трофеи веќе има 34 во кариерата и е еден од најтрофејните

2. Најдобар стрелец во Ла Лига – даде 36 гола на 34 меча и ја водеше Барса до 26-та титула во историјата, стигна до третата по ред награда за прв стрелец (Пичичи) од шесте досега, со што се израмни на вечната листа со Телмо Зара (1940-55, Атлетик Билбао).

3. „Златна копачка“ на Европа – Не освои Меси само трофеј Пичичи, туку ја освои и европската „златна копачка“, повторно трета година по ред, а шеста во кариерата

4. Најдобар стрелец во ЛШ – со 12 гола на 10 меча, Меси беше најдобар стрелец и во Лигата на шампионите и тоа шести пат во кариерата

5. Стигна до 600 гола за Барселона – ова е веќе нешто недостижно и продолжува да ги руши границите

6. Најмногу голови од слободен удар – даде шест гола од слободен удар во најсилните пет лиги и ниту еден друг фудбалер во Италија, Франција, Шпанија, Германија и Англија не успеал. Плус уште два во ЛШ – вкупно осум гола од такви прекини

7. Стигна до 400 гола во Ла Лига – ниту еден фудбалер во историјата на шпанскиот фудбал не стигнал до 400 голови во најсилната лига, а Меси тоа го оствари

8. Шести пат дава над 50 гола во сезона – Меси во сите натпреварувања постигна 51 гол на 50 меча, што е шести пат во неговата кариера во вакво остварување на 50+голови. Неговиот скор е 36 гола во Ла Лига, 12 во ЛШ и три во кралскиот куп

9. Постави рекорд од најмногу победи во Ла Лига – со 334 победи во Ла Лига го надмина Икер Касилјас и стана број еден во шанскиот фудбал

10. Постави рекорд со најмногу победи во Барселона – Меси го надмина Чави со 477 победи во сите натпреварувања и тоа го направи на волшебен начин со хет-трик против Бетис

11. Постави рекорд во Барса со најмногу шампионски титули – Меси ја освои рекордната десетта шампионска титула со Барселона, а сега само еден играч во историјата на Ла Лига има повеќе шампионски круни од него – Франциско Генто (Реал Мадрид, 1953-71) со 12

12. Најдобар асистент во Ла Лига – освен што е прв срелец, Меси е и најдобар асистент со 13 асистенции (заедно со Пабло Сарабија) во минатата сезона

13. Бронзен од Копа Америка – со Аргентина стигна до бронза на последната Копа Америка, откако загуби од Бразил во полуфиналето

14. Повеќе од деценија дава над 20 гола во Ла Лига – 11-та сезона по ред Меси успева да постигне над 20 гола во сезона во најсилната шпанска лига. Од 2008/09, Меси сега е единствен фудбалер со вакво остварување.

15. 50+ голови во Копа дел Реј – Меси веќе има 51 гол во Купот, со трите од ланската сезона, па сега само Жосеп Самитер (1919-32) има повеќе и е рекордер со 64.

16. Над 50 хет-трикови – со хет-трикот против Севилја, Меси стигна до 50 хет-трикови во кариерата од кои 44 се во дресот на Барселона, а шест за Аргентина.

17. Прв фудбалер во историјата на финалињата во Купот – трофејот го загуби, ама влезе во историја со голот како прв играч кој успеал да даде гол во шест различни финалиња во Копа дел Реј.