Капитенот на Леванте: Ќе го разберам Барди ако сака да си оди, иако сакам да остане!

После информациите на шпанските медиуми дека лондонски Арсенал испратил „многу важна“ понуда до Леванте за македонскиот репрезентативец Енис Барди, а Фиорентина и уште два бундеслигаши исто така се сериозно заинтересирани, се чини дека после три години фудбалерот за врска ќе направи нов сериозен исчекор во кариерата и ќе замине од малиот клуб од Валенсија.

Барди во Леванте дојде во летото 2017 година и оттогаш стана многу важен играч за клубот, дотурка до петти стрелец во историјата (16 гола), се промовира во „снајпер“ со девет гола во Ла Лига од слободен удар, рекордер како дебитант (пет гола), стрелец на два најбрзи погодоци на еден меч (два за 125 секунди)... Останува сега да се види дали Леванте, кој го купи за 1,5 милиони евра ќе заработи најмалку 13 пати или и повеќе за трансфер.

Капитенот на Леванте, Хосе Моралес, кој е еден од клучните играчи во тимот, за шпанските медиуми посочил дека ќе го разбере Барди ако си замине, а на излезна врата се и Кампања и Аитор.

„Јас го разирам Барди ако сака да си оди, ги разбирам и другите (Кампања и Аитор – н.з.) ако сакаат трансфер, зашто имаат извонредна сезона, нивниот импакт на тимот е голем, а вниманието што го привлекуваат е очигледно. Јас како капитен би сакал да ги имам и следната сезона за соиграчи, зашто за овој клуб тие се многу важни, би било жално да ги загубиме. Ама, од друга страна, кога играте на врвно ниво, кога настапите се фантастични, нормално е клубови на многу, многу повисоко ниво да се заинтересирани и да сакаат да ги ангажираат, а нормално е и играчите да сакаат да направат нов исчекор во кариерата“, вели Моралес.