Јунајтед ќе го руши „Олд Трафорд“ за да изгради нов ултрамодерен стадион!

Челниците на Манчестер Јунајтед планираат изградба на нов, ултрамодерен стадион со капацитет од 100.000 гледачи, што би значело дека легендарниот „Олд Трафорд“ ќе замине во историјата односно би бил срушен.

Проектот е вреден 2 милијарди фунти и го предводи сер Џим Рeтклиф, ко-сопственик на клубот, кој има визија да создаде „Вембли на северот“. Владата го поддржа овој план, кој се очекува да донесе значителен економски развој во регионот. Покрај стадионот, предвидена е и урбана трансформација на околината, со изградба на станбени и деловни објекти, како и подобрување на транспортната инфраструктура. Работната група, која ги вклучува лорд Себастијан Коу и градоначалникот на Манчестер, Енди Бурнам, веќе работи на деталите.

Експертите предупредуваат дека изградбата би можела да трае до седум години, со можен завршеток околу 2032 година. Клубот сè уште ја разгледува и опцијата за реновирање на „Олд Трафорд“ и зголемување на капацитетот на 87.000 места, а конечната одлука се очекува до крајот на сезоната. Ако проектот се реализира, новиот стадион ќе биде најголемиот во Обединетото Кралство, надминувајќи го лондонскиот „Вембли“.