Исповед на англиски репрезентативец: Го допрев дното, плачев и се криев од сите!

Многу фудбалери на Островот почнаа да ги раскажуваат во јавност нивните проблеми со депресијата, а денеска се зборува за Мајкл Кин.

Стоперот на Евертон никогаш не успеа да ги повтори одличните настапи од Барнли, откако се повреди по трансферот во 2017 година.

„Не сакав да излегувам од дома, не сакав никого да видам. Се срамев од тоа како се развиваат работите и не сакав никој да ме гледа. Го чував тоа долго во мене, тренирав напорно, но на крајот доживеав нервен  слом, почнав да плачам пред семејството. Тогаш го допрев дното, но потоа се чувствував подобро, зашто почнав да одам на психијатар, кој и сега го посетувам“, раскажа Кин.

Проблемите му почнаа по трансферот на „Гудисон Парк“, кога на мечот од Лига Купот против Сандерленд, по стартот на Џејмс Вон, доби сериозна повреда на ногата.

„Тогаш сакав да бидам покрај соиграчите затоа што минавме низ тежок период. Не сакав да бидам првиот кој ќе се предаде, иако имав повреда. Сакав да излезам на теренот, но тоа не беше најдобра одлука. Од таа ситуација научив многу“, кажа Кин.