Ибрахимовиќ: Поради Марадона би потпишал за Наполи, за Болоња поради Михајловиќ, но за Милан - никогаш!

Еден од најдобрите напаѓачи во историјата на фудбалот, Златан Ибрахимовиќ, остави траен белег во Серија А. Тој настапуваше за трите најтрофејни клубови во Италија, Јувентус, Интер и Милан, а кај да се појавеше навивачите го обожаваа, скандирајќи го неговото име.

Тој во интервју за „Газета дело Спорт“, откри дека би бил среќен да се врати во Серија А. И покрај своите 38 години, Ибракадабра има што да понуди. Токму поради тоа голем број клубови веќе покажаа интерес за негов ангажман, па останува само Ибрахимовиќ да избере за кој клуб би сакал да настапува.

Ми се допадна документарецот за Диего Марадона што го гледав неодамна. Гледајќи ја љубовта на градот кон него, би сакал да го почувствувам Наполи. Би било фантастично да го повторам тоа што го направи Диего таму, истакна Ибрахимовиќ, испраќајќи им јасна порака на наполитанците дека со негов трансфер овој тим би можел повторно да дојде до титулата во Серија А.  

Сепак, Аурелио Де Лаурентис не е подготвен да фрла многу пари за 38-годишен играч, а Ибра  исто така е свесен дека тешко ќе успее да ја добие платата што ја посакува на „Сан Паоло“.

Не велам дека ќе одам таму, конечната одлука зависи многу работи. Но, таа база на навивачи создава ентузијазам. Со мене, тимот би бил полн секоја недела. Плус го имаат и Карло Анчелоти, еден од великаните, додаде Ибра, кој како да сакаше да му се додвори на предводникот на Наполи.

Но, ги задржи и другите опции отворени. Антонио Конте ја зазеде клупата, па Интер сега повторно е кандидат за титулата.

Не го познавам лично Конте, но сите велат дека од ден на ден дава се повеќе за тимот. Ние сме исти во таа смисла, па претпоставувам дека добро ќе се снајдеме. И двајцата веруваме дека духот на жртвување е единствениот пат до успехот. Јувентус се уште е фаворит, но „нероазурите“ растат како тим, истакна Швеѓанецот.

Интересно е тоа што во главата на Ибра како опција се наоѓа и екипата на Болоња, сепак неговото поврзување со овој тим е поради емоциите кои ги има со тренерот Синиша Михајловиќ, кој се лекува од леукемија.

Михајловиќ е пријател и ако би ја избрал Болоња, тоа би било токму заради него. Разговаравме неодамна. Тој ми рече: „Златан, тука другите би трчале за тебе, само треба да застанеш и да постигнуваш голови. Фала му, но тоа е малку веројатно. Ако се предомислам, ќе го побарам веднаш, додава шведскиот голгетер.

„Газета дело Спорт“ исто така потсети дека напаѓачот пред една година требал да биде ангажиран од тогашниот директор на Милан, Леонардо, но во тоа време извршниот директор Иван Газидис, не сакал да троши пари за играчи над 30 години.

Милан е катастрофа. Тие само зборуваат, а малку прават. Ова не е клуб во кој сите се заљубивме, како во Италија така и низ целиот свет. Можеби има премногу погрешни луѓе во клубот. Паоло Малдини го нема она што е потребно за да биде директор. Како играч тој беше совршен, но не и како директор, заврши Ибрахимовиќ.