Халанд стигна до голем јубилеј во кариерата

Напаѓачот на Манчестер Сити, Ерлинг Халанд за неполн месец ќе наполни 25 години, а синоќа стигна до голем јубилеј.

Голот против Јувентус во дербито на групата Г од Светското клупско првенство беше број 300 во неговата кариера. Норвежанецот влезе во игра на почетокот од второто полувреме, а по само седум минути игра успеа да се запише во листата на стрелците со што стигна до 300. гол во 371. натпревар на професионално ниво.

Од овие 300 гола, 123 му се во дресот на Манчестер Сити, 86 постигна за Борусија Дортмунд, 20 гола за Молде, 29 за Салцбург и 42 за норвешката репрезентација.

Иако наскоро ќе наполни 25 години, тој веќе е во топ-10 стрелци во Лигата на шампионите со 49 гола и има реални шанси претстојната сезона да се искачи до шестата позиција.